За иницијативата

Иницијативата за проектот произлезе од проблемите искажани од самите пациенти и од пациентските здруженија, околу немање пристап до болничка терапија или немање континуитет во третманот. Причината поради која фокусот е ставен на болничката терапија е заради тоа што станува збор за пациенти со хронични, сериозни дијагнози, како што се онколошки дијагнози или ретки болести, каде не смее да се прекинува лекување, и дури и краток прекин или прескокнување да примат терапија може да има сериозни па дури и смртни последици.

Кај болничката терапија, за разлика од лековите што се земаат во аптеки, особено се јавуваат правни нејаснотии во однос на правата на пациентите, бидејќи голем дел од третманите воопшто не се на позитивната листа на лекови, што значи дека истите се набавуваат по други буџетски механизми, во ограничени количини и слично, што е битен фактор кој создава недостиг на терапија за пациентите. Во ситуации кога пациентите не добиваат редовна терапија, најчесто не бараат никакви дополнителни информации ниту се обраќаат до релевантни институции. Ова е заради тоа што не се доволно информирани како и каде може да бараат информации, или дури и ако знаат не се осмелуваат да реагираат или немаат доверба во институциите и се чувствуваат изолирани ако реагираат. Освен тоа, заради нивната тешка здравствена состојба често немаат волја и енергија да влегуваат во административни лавиринти и преписки без сигурен исход.

Цели на проектот

Целта е да се подигне свеста примарно кај самите пациенти, како и кај пациентските здруженија, да знаат кои правни механизми ги имаат на располагање и да се поттикнат да ги користат истите за да бараат информации и да ги остваруваат своите права за редовен, непречен пристап до терапија.

Автори на проектот

Проектот го спроведува Македонското здружение на млади правници, со поддршка од Рош Македонија.